НАТО испрати два брода да ја надгледуваат руската подводна инфраструктура и таканаречената „фантомска флота“ во Балтичкото Море по неодамнешното прекинување на подморските кабли во областа, изјави денеска финскиот министер за надворешни работи.
Електричниот кабел Естлинк 2 и четирите телекомуникациски кабли што ја поврзуваат Финска со Естонија беа оштетени кон крајот на декември, а неколку дена претходно беа оштетени и други кабли во Балтичкото Море.
Европските политички лидери и експерти се сомневаат дека тоа е дело на „хибридна војна“ организирана од Русија.
Како одговор, Атлантската алијанса на крајот на 2024 година објави дека ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море.
„НАТО испраќа два брода, а ние исто така ги зголемуваме нашите други активности и нашето присуство во регионот“, рече финската министерка Елина Влтонен на денешната прес-конференција во Хелсинки.
Во понеделникот, Заедничките експедициски сили (ЏЕФ), управувани од Велика Британија и составени од единици од нордиските и балтичките земји и Холандија, објавија дека ќе го засилат и надзорот на подводната инфраструктура во Балтичкото Море како одговор на прекинувањето на кабелот.
Финската полиција се сомнева дека танкерот „Игл С“ под знамето на Куковите острови е дел од „фантомската флота“ и дека извршил „саботажа“ на кабли.
„Фантомската флота“ е термин што се користи за бродови, често стари, слабо осигурани и со странски знамиња, за кои се сомнева дека Русија ги користи за да ги заобиколи западните санкции додека ја транспортира нејзината нафта под ембарго.
Финската полиција го заплени бродот „Игл С“ на 28 декември како дел од истрагата за саботажа. Бродот е во Порво, источно од Хелсинки.
Финскиот претседател Александар Стуб и естонскиот премиер Кристен Михал во вторникот во Хелсинки организираа самит на земјите од НАТО кои граничат со Балтичкото Море за безбедноста во регионот.