Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Меѓу првите најплатени 100 спортисти нема жени

Порталот „Спортико“, кој е специјализиран за вести од спортската индустрија, објави листа со најплатени спортисти во светот, а меѓу првите 100 нема жени. На листата доминираат фудбалери и спортисти од НБА, НФЛ, голф и бокс. Топ-100 спортистите колективно заработиле околу 6,2 милијарди долари минатата година. Таа сума вклучува 4,8 милијарди долари од плати и бонуси и 1,4 милијарди долари од спонзорства. Листата вклучува спортисти од осум различни спортови и 27 земји.

На врвот на листата со најплатени спортисти втора година по ред е фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо, со вкупна заработка од 260 милиони долари во 2024 година. Роналдо игра за саудискиот фудбалски клуб Ал-Наср. Неговата заработка се состои од 215 милиони долари плата и 45 милиони долари од спонзорски договори.

Најплатена спортистка е американската тениска шампионка Коко Гауф, која заработила 30,4 милиони долари, освојувајќи ја титулата во двојки на Отвореното првенство на Франција и титулата во сингл на финалето на ВТА на крајот на сезоната. Заработката на Гауф многу заостанува зад вкупниот приход на машкиот спортист кој се најде на 100. место на листата, а тоа е Даниел Џонс, бек на Минесота Викингс, со годишна заработка од 37,5 милиони долари.

Второто место на листата на „Спортико“ го зазема НБА-суперѕвездата Стеф Кари со проценета заработка од 153,8 милиони долари, додека на третото место се најде британскиот боксер Тајсон Фјури со 147 милиони долари. На четвртото место е Лионел Меси, капитенот на аргентинската репрезентација и ѕвезда на Интер Мајами, со приход од 135 милиони долари, додека Леброн Џејмс, крилниот напаѓач на Лос Анџелес лејкерс е на петтото место со 133,2 милиони долари.

Меѓу познатите спортистки што не се најдоа на листата се олимписката шампионка во гимнастика Симоне Билес, тениската легенда Серена Вилијамс и кошаркарската сензација Кејтлин Кларк, која важи за една од главните фигури во популаризацијата на женската кошарка. Иако женскиот спорт направи голем напредок во последниве години, отсуството на жени меѓу 100. најплатени спортисти во 2024 година ги истакнува пречките што сè уште постојат.

Глобалното истражување на спортските плати на „Спортинг интелиџенс“ за 2017 година покажало дека меѓу најдобрите спортисти, жените заработуваат во просек само еден процент од она што го заработуваат мажите, а паричните награди во женскиот спорт сè уште значително заостануваат зад оние во машкиот спорт.

Просечната месечна плата на фудбалерките во аргентинската „Примера дивизион“ е 225 долари, додека машката репрезентација, конкретно победникот на Светското првенство во 2022 година, однесе 42 милиони долари. Една неодамнешна студија на ФИФПРО, меѓународна асоцијација на професионални фудбалери, покажа дека 29 отсто од фудбалерките што учествувале во истражувањето не добиле никакви исплати од нивните репрезентации за квалификациските турнири за Светското првенство.

Извор: womeninadria.com

Зачлени се на нашиот е-билтен