Макрон проговори по прекинот на разговорите Трамп-Зеленски: „Има агресор, тоа е Русија“

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва по прекинатите разговори меѓу американскиот и украинскиот претседател во Белата куќа изјави дека постои „агресор – Русија и луѓето кои се напаѓани во Украина“.

„Има агресор, тоа е Русија, има нападнат народ, тоа е Украина“, изјави Макрон за новинарите во Португалија пред крајот на неговата посета на земјата, пренесе агенцијата Франс прес.

„Мислам дека бевме во право што и помогнавме на Украина и ја санкциониравме Русија пред три години и продолживме да го правиме тоа“, додаде францускиот претседател.

Реагираше и полскиот премиер Доналд Туск, кој на социјалната мрежа Х им напиша на Зеленски и Украинците дека „не се сами“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва ја прекина средбата со неговиот украински колега Володимир Зеленски во Белата куќа, каде што двајцата требаше да потпишат рамковен договор за експлоатација на украинските минерални суровини.

Трамп, кој му викаше на Зеленски, рече дека украинскиот претседател покажал непочитување кон Соединетите држави.

Како што пренесоа светските агенции, Зеленски ја напушти Белата куќа.

Зачлени се на нашиот е-билтен