Поранешниот филипински претседател Дутерте пристигна во Хаг по налог на Меѓународниот кривичен суд

Поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте е екстрадиран во Хаг и предаден на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој претходно издаде налог за негово апсење поради наводни злосторства поврзани со неговата контроверзна војна против дрогата, соопшти Судот.

„Денеска, 12 март 2025 година, Родриго Роа Дутерте, роден на 28 март 1945 година, е предаден на Меѓународниот кривичен суд“, се наведува во соопштението на Судот со седиште во Хаг.

Дутерте беше уапсен по пристигнувањето од Хонгконг, а филипинските власти го предадоа на Судот, кој води истрага за масовните убиства што се случија за време на неговиот претседателски мандат во рамки на борбата против наркотиците.

Неговата ќерка, потпретседателката на Филипини, Сара Дутерте, отпатува во Хаг по апсењето на нејзиниот татко, додека неговата најмлада ќерка, Вероника, планира да поднесе барање до Врховниот суд на Филипини за „habeas corpus“ со цел да се наложи враќање на Дутерте во земјата.

Адвокатите на Дутерте веќе покренаа правни постапки против филипинската влада, обвинувајќи ја за „киднапирање“ и барајќи враќање на поранешниот претседател во Манила, објави „Гардијан“.

Дутерте во текот на својот мандат (2016-2022) воведе агресивни и насилни мерки во борбата против дрогата, што предизвика глобални осуди. Иако Филипини се повлекоа од членството во МКС во 2019 година, Судот тврди дека има надлежност за злосторствата извршени додека земјата сè уште била членка.

Доколку судењето започне, тоа ќе биде историско, бидејќи Дутерте може да стане првиот поранешен азиски лидер кој ќе биде суден од МКС за злосторства против човештвото.

При апсењето, Дутерте го оспори налогот за негово приведување.

„Кое злосторство го извршив? Ако сум виновен, судете ме пред филипинските судови, со филипински судии, и затворете ме во мојата земја“, рече Дутерте во видео што го објави неговата ќерка Вероника.

Зачлени се на нашиот е-билтен