Според податоците од Евростат, стапката на иселување на албанските граѓани во земјите на Европската унија забележува значително забрзување во последните години, што може да се види од растот на издадените дозволи за престој.
Во 2023 година, 79.200 албански државјани добиле дозволи за престој во земјите на ЕУ, што претставува пораст од 4.200 во однос на претходната година. Ова е највисоко ниво од 2010 година, што индиректно покажува на забрзаната миграција по пандемијата од Ковид-19. Вкупно, во 2022 и 2023 година, 154 илјади Албанци првпат добиле дозволи за престој, а голем број од нив заминале со работни договори, најчесто во Германија.
Од 2008 година, околу 920.000 Албанци добиле дозволи за престој во ЕУ. Традиционално, најголем број од нив се преселуваат во Грција и Италија, но последните години се забележува раст на нови дестинации како Велика Британија и Германија.
Дополнително, статистиката покажува и зголемен број на Албанци кои се откажуваат од своето државјанство. Во 2023 година, 900 граѓани се октажале албанското државјанство, што претставува зголемување од 6% во однос на претходната година. Од 2013 година до денес, 6.500 граѓани се откажале од албанското државјанство, додека за две децении, Евростат бележи дури 521.000 такви случаи.