Иран соопшти дека ќе им даде „вистинска шанса“ на новата рунда нуклеарни преговори со САД што ќе се одржат во сабота во Оман – земја која често посредува во дијалозите меѓу Западот и Исламската Република. Претседателот Доналд Трамп претходно неделава изненади со најавата за почеток на преговори, придружена со остро предупредување: „Ако нема договор, ќе има бомбардирање, и тоа какво што светот не видел.“
Разговорите ќе се водат на високо ниво, предводени од иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, со посредство на шефот на дипломатијата на Оман, Бадр ал-Бусаиди. Иранската страна посочи дека ќе процени дали Вашингтон навистина има волја за дипломатско решение, додека заменик министерот Меџид Тахт-Раванчи истакна дека „без закани и притисоци, постои добра шанса за договор.“
Враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари го врати и поостриот пристап кон Иран, со оглед на тоа што токму тој во 2018 година ја повлече Америка од нуклеарниот договор од 2015 година. Во меѓувреме, воениот притисок врз иранските сојузници – вклучително и израелските напади во регионот – ја ослабнаа иранската позиција. Сепак, Иран тврди дека има подготвени „важни и практични“ предлози за правичен договор.
И покрај притисокот, Техеран останува на ставот дека неговата нуклеарна програма има мирољубиви цели, иако Западот сè повеќе се сомнева во потенцијалната намера за развој на нуклеарно оружје. Останува нејасно дали разговорите ќе бидат директни или индиректни – Трамп тврди едно, Иран друго – но јасно е дека исходот од овие преговори може да има сериозни импликации за стабилноста на Блискиот Исток.