Најавениот поевтин Model Y на Tesla, кој требаше да го направи електричниот транспорт подостапен за пошироката популација, се соочува со ново одложување, пренесува Reuters, повикувајќи се на три независни извори.
Возилото, означено како „E41“, требаше да се произведува во САД веќе во првата половина од оваа година, но почетокот на производството сега се очекува најрано во третиот квартал или дури во текот на 2026 година. Причините за доцнењето сè уште не се јасни.
Според изворите, Tesla има план да произведе 250.000 примероци од овој модел во САД, со перспектива за производство и во Кина и Европа. За кинескиот пазар, новиот Model Y ќе чини 20% помалку за производство отколку тековната освежена верзија, што може да значи и пониска цена за крајниот потрошувач.
Во услови кога Tesla бележи пад на продажбата и губење на пазарен удел, надежите се насочени кон поевтините модели како алтернатива за луѓето кои досега не можеле да си дозволат електрично возило. Засега, најевтиниот Model Y во САД чини околу 49.000 долари, пред даночните олеснувања.
Од компанијата се најавува и скратена верзија на Model 3, но сè уште без потврдени детали или временска рамка.
Дел од критиките за падот на продажбата се поврзуваат со контроверзните политички изјави и ставови на Илон Маск, како и со недостатокот на нови, достапни модели за пошироката јавност.