Семејствата на жртвите од „Пулс“ повторно на улица: Истрагата открива системски пропусти

И денеска низ улиците на Кочани семејствата на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ ќе излезат на протестен марш. Протестот започнува во 12:05 часот од Градскиот парк и ќе продолжи кон Општината и МВР. Ова е третиот јавен протест откако се случи трагедијата на 16 март, кога загинаа 62 лица, а 193 беа повредени.

Обвинителството опфати над 60 физички и три правни лица, меѓу кои се и поранешни министри, градоначалници и директори на инспекторати. Истражителите утврдиле дека лиценци за работа биле издавани без комплетна документација, а институциите со години дозволувале објекти како „Пулс“ да работат иако не ги исполнувале минималните технички услови.

Семејствата на настраданите ја обвинуваат државата за системски пропусти и недостиг на институционален надзор. Тие бараат не само кривична, туку и политичка одговорност, како и темелни реформи во надзорните механизми.

Антикорупциската комисија открила дека во сегашниот законски систем, сопствениците на објекти можеле самите да потврдат исполнетост на условите, без реална контрола. Министерството за економија најави измени на Законот за угостителска дејност, но за семејствата на жртвите тоа е задоцнет чекор – промените, велат, морале да се случат пред трагедијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен