Израел не ја исклучува можноста за напад врз иранските нуклеарни постројки

Фото: Iran’s Bushehr nuclear power plant. (Tasnim News Agency, CC BY 4.0., via Wikimedia Commons)

И покрај воздржаноста на САД, израелските власти и натаму размислуваат за можен воен удар врз иранските нуклеарни капацитети во наредните месеци, објави Times of Israel, повикувајќи се на владини извори во Тел Авив.

Според извештајот, американскиот претседател Доналд Трамп неодамна му порачал на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека Вашингтон во овој момент не е подготвен да поддржи воена интервенција врз Иран, истакнувајќи го дипломатскиот пристап како приоритет.

Сепак, Израел не отстапува од својата позиција. Властите таму се решени да го спречат Техеран да дојде до нуклеарно оружје, а Нетанјаху бара какви било преговори со Иран да резултираат со целосно укинување на неговата нуклеарна програма.

Истовремено, американски и ирански претставници денеска во Рим ја продолжуваат втората рунда на прелиминарни разговори за иранската нуклеарна програма — разговори што се одвиваат во сензитивен геополитички контекст.

Во изминатите месеци, Израел ѝ предложил на администрацијата на Трамп повеќе сценарија за можен напад, некои од кои предвидуваат дејствување веќе во доцна пролет или лето. Плановите вклучуваат различни комбинации на воздушни напади и специјални операции, со цел значително да се забави иранскиот напредок кон потенцијално нуклеарно вооружување.

Иако Вашингтон засега не е подготвен да даде „зелено светло“, израелските власти, според неименувани извори, сè повеќе размислуваат за ограничена воена акција која би можела да се спроведе и без целосна американска поддршка. Таквата интервенција би била значително помала од првично предложените операции.

Зачлени се на нашиот е-билтен