Путин прогласи 30-часовно велигденско примирје додека Русија извршува големи напади врз Украина

Фото: kremlin.ru

Откако Русија ја бомбардираше Украина изминатите денови, рускиот претседател Владимир Путин денес објави 30-часовно велигденско примирје.

Во објава на официјалниот Телеграмски канал на Кремљ, Владимир Путин објави дека привремениот прекин на огнот ќе трае од 18 часот по московско време денес до понеделник.

„Водени од хуманитарни причини, од 18 часот денеска до полноќ од недела до понеделник, руската страна прогласува Велигденски прекин на огнот. Наредувам прекин на сите воени активности во овој период“, рече Путин.

Москва вели дека очекува украинската страна „да го следи нивниот пример“. Киев сè уште официјално не го коментираше предлогот.

„Во исто време, нашите единици мора да бидат подготвени да ги одбијат можните прекршувања на примирјето и провокациите од страна на непријателот, како и сите негови агресивни дејства“, се додава во соопштението.

Во текот на претходната ноќ, руската армија изврши комбиниран воздушен напад врз регионот на Одеса, насочен кон цивилна инфраструктура. Според Државната служба за итни случаи на Украина (ДСНС), нападите предизвикале големи пожари и уништување на фарми во областа. Руската армија користела и балистички и крстосувачки ракети. Покрај нападите во Одеса, Русија ја нападна и областа Запорожје со дронови од типот „Шахед“.

Минатата недела, на празникот Цветници, Русија со балистички ракети го нападна градот Суми во североисточна Украина. Како што потврдија украинските власти, во нападот бил погоден тролејбус, а нападот бил извршен со балистичка ракета „Искандер-М“. Деловите од Суми погодени во нападот беа во близина на три театри, универзитетска болничка клиника, конференциски центар, теретана и концертна сала. Нема воени цели во погодената област во рамките на познатата зона на прецизност на ракетата Искандер-М, која се проценува на 30-70 метри, што, според украински медиуми, укажува на тоа дека станува збор за намерен напад на цивили.

Зачлени се на нашиот е-билтен