Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека „нема никаква намера“ да го отпушти гувернерот на Федералните резерви, Џером Пауел, пред да му заврши мандатот следната година.
„Апсолутно не,“ рече Трамп од Овалната соба, кога новинарите побараа појаснување. „Никогаш и немав таква намера.“
Оваа изјава претставува пресврт во однос на претходните коментари на Трамп, кој неодамна ја зголеми реториката против Пауел и одбиваше да ја исклучи можноста да го отпушти – потег што би бил преседан во американската историја.
По оваа изјава на Трамп, берзанските индекси на американските пазари бележаа остар раст.
Трамп, кој со месеци врши притисок врз Федералните резерви за намалување на каматните стапки, минатата недела изјави: „Ако сакам да си оди, ќе си оди многу брзо.“
Во петокот, економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хасет, потврди дека Трамп и неговиот тим сериозно ја разгледувале можноста да го сменат Пауел.
Пауел, кого Трамп го назначи во својот прв мандат, има мандат како претседател на Федералните резерви до мај 2026. Тој веќе изјави дека според закон, претседателот нема овластување да го отпушти.
Во понеделникот, Трамп го нарече Пауел „голем губитник“ и побара веднаш да ги намали каматните стапки. Но, на новинарско прашање во вторникот, тој одговори: „Пресот претерува со нештата.“
По церемонијата за поставување на Пол Аткинс за претседател на Комисијата за хартии од вредност (SEC), Трамп рече:
„Не, немам никаква намера да го отпуштам. Но би сакал да биде малку поактивен во идејата за намалување на каматите. Сега е совршено време за тоа.“
Изјавите дојдоа по значителниот раст на американските берзански индекси, кои се опоравија од падот во понеделникот, делумно предизвикан од загриженоста околу можната смена на Пауел.
Критичарите предупредуваат дека отпуштањето на гувернерот на Федералните резерви – институција која традиционално функционира независно од политички влијанија – би предизвикало голема нестабилност на пазарите.
