Министерството за образование и наука (МОН) го објави Конкурсот за упис во средните училишта за учебната 2025/2026 година, со јасен фокус на стручното образование. Од вкупно 27.600 слободни ученички места, дури околу 18.000 се наменети за стручни училишта, од кои 6.700 за дуално образование, додека 7.900 места се резервирани за гимназии. Останатите се предвидени за уметничките училишта и Спортската гимназија.
Според министерката Весна Јаневска, бројот на дуални паралелки е зголемен согласно анализите на потребите на пазарот на трудот, како и заинтересираноста на компаниите. „Веќе над 550 компании се активно вклучени во дуалното образование. Очекувам нивниот број да расте по завршувањето на конкурсот“, изјави Јаневска на настан организиран од Машинскиот факултет.
Во последните две учебни години, стручните училишта биле избор за две третини од запишаните ученици во прва година, што, според Јаневска, не претставува закана за гимназиското образование.
„Нашето општество мора да се прилагоди на реалните потреби. Се соочуваме со извоз на мозоци и недостиг на квалификувана работна сила. Стручното образование, особено преку дуалните паралелки, нуди можност за останување во земјава, бидејќи им овозможува на учениците директно вклучување во пазарот на труд по матурата“, додаде министерката.
Пријавувањето на учениците ќе биде електронско преку системот на МОН на schools.mk. Првото пријавување ќе се одвива од 14 до 17 јуни, додека доставувањето на документацијата е предвидено за 18 и 19 јуни. Конечните ранг-листи ќе бидат објавени на 20 јуни.
Вториот јунски рок е закажан за 30 јуни, со документирање на 1 јули и објавување на резултатите на 2 јули. Дополнителниот, августовски рок ќе се спроведе на 21 август.
Конкурсот ги опфаќа сите услови и критериуми за упис, вклучително и минимум поени за пријавување, потребна документација и насоки за спроведување на процесот.