Неверојатно откритие под Дубровник: Чистејќи ја канализацијата, се појави мистериозен премин

Работниците кои ја чистеа канализацијата под историскиот центар на Дубровник открија тајни премини од времето на Дубровничката Република, отстранувајќи над 2100 кубни метри отпад во исклучително тешки и опасни услови.

Санацијата на повеќе од 500 години старата канализациска мрежа, вредна над еден милион евра, успешно е завршена по две и пол години интензивна работа, објави ХРТ.

Дубровник уште во 13. век имал канализациски систем, а мрежата во денешна форма датира од 15. век и претставува заштитено културно наследство. Сепак, каналите со векови не биле детално чистени.

– Каналите беа преполни, особено со отпадни води, кои до 2004 година се слевале во старото градско пристаниште , што ја загадуваше животната средина и го загрозуваше здравјето на луѓето – изјави Вицко Беговиќ, член на Управниот одбор на Водоводот Дубровник.

Чистење со раце во пеколни услови

Изведувачите на работите велат дека на некои места каналите биле скоро целосно затнати. При температури кои достигнувале и до 50 степени Целзиусови, со ризик од лизгање на земјиштето, инфекции и труење со гасови, работниците рачно ги расчистувале каналите.

– Отстранети се над 2100 кубни метри тврда маса, заедно со цврсти материи и наслаги од сапунеста маст, која изгледаше како ледени санти, само во поинаква боја – објасни Тончи Јанковиќ, директорот на „Анафора“.

Откриени тајни премини и свеж отпад

Во подземјето на стариот град биле пронајдени скриени канали и премини од времето на Дубровничката Република, но и огромни количини понов отпад.

– Пронајдовме значително количество градежен отпад и слој од 20 сантиметри остатоци од миење и поправка на градот – изјави Јанковиќ. – Сето тоа стигнало до каналите преку одводите, а моравме да го кршиме со гумени алати.

Работите се изведувале под строг надзор на конзерватори и Друштвото на пријателите на дубровничкото старо јадро.

Системот на канализацијата, изграден уште во 15. век, и денес ги воодушевува експертите.

– Кога се гледа одвнатре, кога се претставува со современи 3D технологии и геодетски мерења, се гледа колку нашите Дубровчани биле мудри и како работеле на одржливи системи – рече Ведран Косовиќ, претседател на Друштвото на пријатели на дубровничките старини.

Во следната фаза ќе се чистат секундарните канали, но најважниот дел од работата е веќе успешно завршен.

Зачлени се на нашиот е-билтен