Здружението на новинарите на Србија денеска предупреди дека бројот на закани, притисоци и напади врз новинари минатата година е двојно зголемен во однос на 2021 година и побара измени во Кривичниот законик за што е можно повеќе форми на овие напади да бидат опфатени со криминална одговорност, јави Бета.
Во прогласот по повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, здружението наведува дека во 2022 година евидентирале 140 случаи на закани, притисоци и напади врз новинари наспроти 74 случаи забележани во 2021 година.
„Најчестиот обид за задушување на слободата на медиумите беа заканите што ги добиваа новинарите преку социјалните мрежи. Најсериозна закана е забележана и преку Интернет, која беше испратена до редакцијата на дневниот весник весник Данас“, се наведува во соопштението.
УНС потсети дека авторот на подкастот на телевизија Нова С, писателот Марко Видојковиќ, поради закани преку социјалните мрежи, бил принуден да ја напушти Србија и со помош на меѓународната асоцијација ПЕН Интернационал бил преместен на безбедна локација.
„Репресијата врз новинарите започна во локалните области, а тоа најдобро го покажа случајот со заканите кон редакцијата на ОК радио од Врање и сопственикот на таа медиумска компанија Оливер Владковиќ, за што бизнисменот Дејан Николиќ Кантар беше осуден на 14 месеци затвор во прв степен“, соопшти Здружението на новинари на Србија.
Според податоците од базата на УНС, притисоци врз новинарите во Србија најчесто вршеле членови на владејачката Српска напредна партија, а дополнителна штета на медиумите им нанесувале таканаречените тужби СЛАП, со кои, според здружението, моќните бараа нереална компензација од малите медиуми.