Македонија ги укинува царините за производи од САД и очекува реципроцитет од другата страна. Министерството за финансии предложи измени на Законот за царински тарифи со кои се намалуваат царинските стапки за 67 стоки и се врши целосна либерализација на увозот со САД. Како што информираше министерката Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција, измените се веќе во собраниска процедура и се очекува да стапат на сила од 1 јули 2025 година.
Според министерката, станува збор за стоки кои се користат како суровини или репроматеријали во автомобилската, метало-преработувачката, металуршката и енергетската индустрија.
Укинувањето на царините за САД доаѓа откако на почетокот на април администрацијата на претседателот Доналд Трамп воведе реципроцитетни царини за речиси сите земји во светот. За Македонија беа воведени едни од највисоките царини во регионот од 33 отсто, кои вклучуваат 10 отсто стандардна царина која што беше воведена за сите и уште 23 отсто реципроцитетна царина. Овие давачки подоцна беа ставени во мирување а американската администрација најави дека ќе преговара со земјите една по една.
Инаку, ако се земат предвид стоките и услугите во трговската размена меѓу Македонија и САД земјава има дефицит, но ако се сметаат само стоките без услугите Македонија има суфицит.
Во четвртокот на 29 мај, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата во Вашингтон со државниот секретар на САД, Марко Рубио рече дека е направен значаен исчекор во намалување на царините.
На новинарско прашање кога се очекува реципроцитет од американска страна откако Македонија ќе ги укине царините за САД, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека „работиме нешто во моментов, да се стрпиме уште малку“.
Покрај укинување на царините за САД, министерката посочи дека почнувајќи од следниот месец ќе се преполоват царините за 67 производи кои се увезуваат од ЕУ.
„Ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ за истата стока 10 отсто, со тековните измени стапката се намалува на 15 отсто“, рече минисерката.
Дополнително, посебен фокус, како што рече таа, е ставен на енергетскиот сектор, каде што за литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија, царинската стапка ќе се усогласи со европската и ќе се намали од 15 проценти на 2,7 проценти.
Според министерката, фискалниот ефект од намалувањето на царините за 67 производи за 50 отсто, е 2 милиони евра на годишна основа, што значи дека за толку ќе се намалат годишните приливи од царини во буџетот. Дополнително, со укинувањето на царините на производите увезени од САД, министерката најави дека буџетот ќе изгуби уште околу 3,7 милиони евра.
На прашањето зошто во 2019 година, кога претходната влада на СДСМ имаше предлог за намалување на царините за литиум-јонските батерии, а ВМРО-ДПМНЕ се противеше, министерката рече „не знам значи што било и како било, сега не можам да се враќам назад, јас можам да аргументирам сега каква е состојбата“.
Извор: Мета.мк