Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на денешната 32 седница до Собранието го проследија Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.
Во образлошението на ова законско решение стои дека предложените решенија се во насока на подобрување на изборниот процес и обезбедување на еднакво, демократско и слободно избирачко право, како и постапување по препораките на Мисија за набљудување на избори за претседателските избори на 24 април, како и за парламентарните избори на 8 мај 2024 година и истовремениот втор круг од претседателските избори.
„Преку предложените законски измени се имплементираат дел препораките од Конечниот извештај на Мисијата на ОДИХР за набљудување на избори. Во однос на препораката за да се преиспита практиката државното финансирање да се исплаќа директно на медиумите, доколку се задржи, за да се зголеми отчетноста и транспарентноста, законодавството треба да воспостави јасни и објективни критериуми за подобноста на информативните онлајн портали за државно рефундирање на платеното политичко рекламирање. Овие законски измени и дополнувања предвидуваат усогласување со одредбите од Законот за медиуми во однос на интернет порталите“, пишува во образложението.
Препораката која предвидува обезбедување на тајноста на гласот, треба да се ревидираат правните критериуми за утврдување на избирачките места.
„Избирачките места со помалку од десет гласачи треба да се спојат со блиските избирачки места и нивните гласачки ливчиња заедно, целосно се имплементира во Изборниот законик преку овие измени и дополнувања“, стои во измените на Предлог изборниот законик.
Исто така со овие предлог измени и дополнувања на Изборниот законик се постапува по решението на Уставниот суд со кое беа укинати одредбите со кои се регулираше бројот на потребни потписи за поднесување на листа за кандидати од страна на група избирачи и се предлагаат два нови членови кои ја уредуваат оваа проблематика. Со овие измени и дополнувања се олеснува функционирањето на изборните органи и се предвидуваат формирање на нови избирачки места во оние избирачки места кои го надминуваат законскиот максимум од 1000 избирачи. Се врши и усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Предлагачи на ова законско решение се Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Бојан Стојаноски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски и Оливер Спасовски.