АЕОИ: По израелските напади истекува радиоактивен материјал во нуклеарниот комплекс Натанц

Организација за атомска енергија на Иран (АЕОИ) соопшти дека по израелските напади истекува радиоактивен материјал во нуклеарниот комплекс Натанц, но тврди дека надвор од објектот не е зголемено нивото на радијација.

Претходно, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во денешниот нападот значително е оштетени иранскиот објект за збогатување ураниум во Натанц.

Според ИДФ, постројката за збогатување ураниум во Фродо, како и нуклеарните објекти во Исфахан и Бушеир не биле цел на напади.

ИДФ тврди дека при нападот врз Натанц уништен е подземниот дел, каде биле сместени центрифуги, електрични простории и друга придружна инфраструктура. Исто така дека е уништена и критична инфраструктура за унапредување на проектот за нуклеарно оружје на иранскиот режим.

И иранските власти потврдија дека „се оштетени неколку делови“ од Натанц.

Израелските напади засега се насочени само кон Натанц. Цел на напади не биле постројката за збогатување ураниум во Фродо, како и нуклеарните објекти во Исфахан и Бушеир.

Натанц е главниот објект на Иран за збогатување ураниум со голем обем, кој има десетици илјади центрифуги, кои се клучни за зголемување на резервите на високо збогатен ураниум. Доколку се прекине овој процес, прекината е и иранската нуклеарна програма.

Иран негира дека се обидува да развие нуклеарно оружје и нема докази дека произвел ураниум од воен степен.

Претходно, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека изминатите четири години напредувала иранската нуклеарна програма и е поблиску од кога било до производство на нуклеарно оружје, со сегашните резерви од 60 отсто збогатен ураниум, доволни за шест нуклеарни бомби, доколку се збогати до 90 отсто.

Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат, Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.

Нуклеарниот комплекс Натанц и претходно беше цел на напади. Во 2010 година Натанц беше мета на голем кибернапад, а во 2020 година објектот беше оштетен со експлозив, наводно скриен во столица. Додека во 2021 нуклеарниот комплекс претрпе поголема штета во мистериозен напад, за кој Иран го обвини Израел.

Зачлени се на нашиот е-билтен