Пратеникот Андреас Гларнер од десничарската Швајцарска народна партија остана без парламентарен имунитет поради објавување на deepfake видео со неговата политичка противничка, Сибел Арслан, пратеничка од левичарската Зелена партија. Информацијата ја објави швајцарскиот сервис Swissinfo.
Комитетот за правни прашања на Сенатот ја потврди одлуката на Претставничкиот дом, откако беше утврдено дека Гларнер, во текот на изборната кампања во 2023 година, објавил лажно видео во кое Арслан наводно се залага за депортација на сите турски криминалци и ги повикува граѓаните да гласаат за него.
„Постои врска со неговата политичка активност“, изјави претседателот на сенатскиот комитет, Даниел Јосич, додавајќи: „Случајот оди подалеку од напад врз телевизиска емисија или цртан филм“.
Комитетот одлучи со осум гласа „за“ и два „против“ да му го одземе имунитетот на Гларнер, што овозможува покренување официјална истрага против него. И покрај тоа, Јосич посочи дека постои сомнеж дека Гларнер ќе биде осуден, иако случајот го отвора прашањето за злоупотреба на технологијата за политички цели.
Ова е еден од првите случаи во Швајцарија во кој пратеник се соочува со последици поради користење на deepfake видео во рамки на изборна кампања – тренд што глобално предизвикува загриженост поради неговата способност да манипулира со јавноста и да ги нарушува демократските процеси.