Филипче – Кос: Поддршка за откочување на македонскиот евроинтегративен пат

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос ја оцени како одлична и многу конструктивна.

На својот фб тој напиша дека ја информирал Кос, дека СДСМ останува целосно посветен на евроинтегративниот процес, бидејќи смета дека тоа е единствениот начин на кој земјата ќе ги зајакне институциите.

„Со влез во ЕУ, граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе има вистинска реформа на правниот систем, и младите тука ќе може да ја бараат својата иднина, затоа што ќе имаат многу повеќе можности од тоа што го имаат сега. Изразив жалење што во изминатата година има стагнација на тој пат, отсуствуваат стратегија и политички дијалог, и за жал се отвораат веќе затворени прашања. Побарав поддршка од еврокомесарката и од сите европски партнери да се откочи нашиот евроинтегративен пат“, напиша Филипче на фб.

„Сакам да порачам дека ова не е време ниту за калкулации, ниту за тесно и ситнопартиски интереси. Ова е време во кое секоја една партија треба да даде сѐ од себе за да продолжиме по патот на евроинтеграцијата, да се отворат поглавјата за преговорите, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас“, додаде тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен