Силен филмски бран во македонската кинематографија: Се снимаат три долгометражни филмови поддржани од Агенцијата за филм

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија информира дека во моментов се снимаат три долгометражни играни филмови, сите финансиски поддржани од државата, кои ветуваат нови квалитетни и возбудливи приказни на големото платно.

„ЧОВЕК ПРОТИВ ЈАТО“ – ДЕБИ ИГРАН ФИЛМ НА ТАМАРА КОТЕВСКА СО МОЌНА РУРАЛНА ПРИКАЗНА

Во тек е снимањето на првиот долгометражен игран филм на Тамара Котевска, реномирана македонска режисерка со две номинации за Оскар и добитничка на награди од фестивалот Санденс. Филмот со наслов „Човек против јато“ се одвива во рурална Македонија, каде изградбата на нов автопат го разурнува мирот на едно мало село и ја соочува традицијата со модернизацијата.

Во главните улоги настапуваат Кирил Андоновски, Верица Недеска, Лола Трендафиловиќ, Горан Богдан, како и актери од Македонија, Хрватска, Германија, Холандија и Бугарија.

Филмот се реализира во продукција на Видео Студио Петковски, во соработка со партнери од Хрватска, Грција, Турција, Србија и Црна Гора, и е финансиски поддржан од Министерството за култура на РСМ, Еуроимаж и филмските центри на соработничките земји.

„ПОТСТАНАР“ – ИНТИМНА ПСИХОЛОШКА ПРИКАЗНА ЗА ЛИЧНИТЕ ГРАНИЦИ ВО РЕЖИЈА НА МАРКО ЃОКОВИЌ

Се снима и дебитантскиот долгометражен филм со работен наслов „Потстанар“, во режија на Марко Ѓоковиќ, во продукција на Сектор Филм. Сценариото е дело на Ѓоковиќ и Симеон Венциславов, а инспирација за филмот е црпена од драмскиот текст „Владимир“ на словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ

Филмот ја истражува тенката линија меѓу личната слобода и манипулацијата, прикажувајќи ја интеракцијата меѓу тројца цимери и еден мистериозен новодојденец, чија вистинска природа полека се разоткрива.

Главните улоги ги играат младите македонски актери Ана Јовановска, Илија Волчевски, Хакан Даци и актерот од Босна и Херцеговина Албан Укај. Филмот се реализира во копродукциска соработка со партнери од Србија и Црна Гора, со поддршка од филмските центри на Македонија, Србија и Црна Гора.

„ДОГОВОР“ – ПРИКАЗНА ЗА СУДИРИТЕ И ОДЛУКИТЕ ВО РЕЖИЈА НА СЕНАД АБДУЛИ

Започна и снимањето на долгометражниот играниот филм „Договор“, во продукција на Arnel Production, во режија на Сенад Абдули. Фотографијата ја потпишува Филип Јорданов, а во главните улоги се појавуваат Шеќерије Илази, Елмир Сејфулаи и Лек Фазлија. Филмот претставува современа драма што го истражува човечкото достоинство и комплексноста на донесување одлуки во социјално предизвикувачки услови.

Овие три нови филмски проекти се потврда за постојаниот развој на македонската кинематографија, како и за разновидноста на креативниот пристап што се појавува на нашата филмска сцена. Агенцијата за филм, како што се наведува во информацијата од таму, останува посветена на поддршка на филмските автори и продуценти, преку унапредување на условите за креативна работа и соработка, како и преку промоција на македонскиот филм во меѓународен контекст.

Зачлени се на нашиот е-билтен