Тимот „Playful Pages“ од ОСУ „Јовче Тесличков“ – Велес, победник на Националниот натпревар за ученички компании организиран од Џуниор Ачивмент Македонија, ја претставува нашата држава на најголемиот европски фестивал за претприемништво – Gen-E 2025, кој се одржува од 1 до 3 јули во Атина, Грција.
Овој настан секоја година обединува повеќе од 1000 ученици, студенти, ментори и наставници од над 40 земји. Покрај младите претприемачи, присутни се и претставници на европски институции, лидери од бизнис-заедницата, инвеститори, и креатори на политики кои заедно ја поддржуваат новата генерација на европски иноватори. Ученичките тимови ги презентираат своите бизнис идеи и се натпреваруваат за титулите најдобра ученичка компанија и најдобар стартап на годината. Натпреварувачите се избрани од повеќе од 500.000 ученици кои учествувале во програмите за претприемништво на Џуниор Ачивмент низ Европа во изминатата година.
„Playful Pages“, овогодишниот наш претставник, презентираат својата бизнис-идеја – првата инклузивна сликовница на македонски јазик, која преку аудио, видео и визуелна поддршка ги оживува заборавените традиционални детски игри. Нивната цел е да ги доближат овие игри до новите генерации на иновативен, едукативен и општествено одговорен начин. Овој вид иницијатива не само што го поттикнува претприемачкиот дух кај младите, туку и отвора дискусии за културното наследство, иновацијата во образованието и важноста на пристапноста и инклузивноста во детската литература и забава.
Џуниор Ачивмент Македонија, веќе осма година по ред учествува на овој европски натпревар. Од 2017 година досега, преку нивните програми за претприемничко образование поминале повеќе од 3.500 средношколци од целата држава. За повеќе информации за Џуниор Ачивмент Македонија, посетете ја веб страната и нивниот фејсбук профил.