СДСМ бара истрага за скандалот: Кој нареди да се повлече обвинението против Димитриевски?

СДСМ остро реагира на скандалозниот чин на Кумановското јавно обвинителство, кое само пет дена пред завршните зборови во судска постапка, без никакво објаснување повлекло обвинение против градоначалникот Максим Димитриевски.

„Ова е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност. Обвинителство под контрола на власта, кое не работи во интерес на правдата и граѓаните, туку во интерес на политички договори, закулисни игри и заштита блиски до власта“, се истакнува во соопштението од партијата.

Случајот бил воден повеќе од една година, со конкретни обвинувања за злоупотреба на службена положба, за неисполнување на службена должност во врска со издавање дозвола за градба, со нанесена штета од над 3 милиони денари.

„Сега, без нови докази, без промена на фактите, обвинителството едноставно се откажува. По чиј налог Повикуваме на итна истрага во самото обвинителство – кој го донел решението за повлекување на обвинението и со какви мотиви? Кој притискал, договарал и овозможил оваа фарса? Кој го штити Димитриевски и зошто?“, прашуваат од СДСМ.

За СДСМ ова е класичен пример за неправда и за прикривање на одговорност и обвинителите од тефтерчињата мора да сносат одговорност, посочуваат во реакцијата.

„Без независно и непристрасно обвинителство, нема ниту правна држава, ниту доверба во институциите. Овој срам пред правдата, направен во Куманово и уште еден доказ дека судството е под капата на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити. Ова е неправда. Граѓаните заслужуваат вистинска правда, а не селективност“, се наведува во соопштението на СДСМ по повод повлекувањето на обвинението против Максим Димитриевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен