Париз – Реката Сена од денеска повторно станува место за разладување на Паризјани и туристи, откако градските власти ја укинаа забраната за капење што важеше од 1923 година. Во главниот град се отворија три уредени базени на самата река – под Ајфеловата кула, покрај катедралата Нотр Дам и спроти Националната библиотека на Франција.
Секој од базените располага со соблекувални, тушеви и простор за сончање, а безбедноста ја обезбедуваат професионални спасувачи. Влезот е бесплатен до пополнување на капацитетите, но дозволен само за лица што знаат да пливаат. Објектите ќе работат во текот на целото лето, при што квалитетот на водата ќе се следи континуирано.
Француската министерка за спорт, Мари Барсак, уште во мај најави дека „ова лето сите ќе можат да пливаат во Сена“, повикувајќи се на значењето на проектот за градот и жителите. Градоначалничката Ан Идалго нагласи дека новите капалишта се дел од поширока стратегија за подобрување на квалитетот на животот во Париз во услови на растечки летни горештини предизвикани од климатските промени.
Забраната за капење во Сена беше воведена пред повеќе од сто години, поради загадување и безбедносни ризици. За потребите на Олимписките игри „Париз 2024“, француските власти инвестираа повеќе од милијарда евра во прочистување на реката, што овозможи во неа да се одржат натпреварите во триатлон и пливање на отворени води. Отворањето на јавните базени претставува кулминација на тие напори и симболичен чекор кон „позелена“ и поодржлива престолнина.