Судот на Босна и Херцеговина ја укина мерката притвор за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој вчера доброволно се појави во Државното обвинителство во Сараево на сослушување како осомничен за кривично дело напад врз уставниот поредок.
Откако беше распрашан во присуство на својот адвокат, Додик, по предлог на обвинителите, беше изведен пред Судот на БиХ. На затвореното рочиште судот оцени дека престанале причините поради кои претходно му беше одреден едномесечен притвор и ја укина таа мерка.
Наместо притвор, судиите му изрекоа ограничувачки мерки: забрана за напуштање на престојувалиштето без претходно одобрение и обврска за периодично пријавување кај надлежен државен орган. Траењето на овие мерки ќе се преиспитува на секои два месеци, а нивно прекршување може да резултира со повторно приведување.
Набргу по изрекувањето на мерките, Додик на платформата „Икс“ објави видео на кое слави и пее со пријатели, поракувајќи дека „секогаш е вистинско време за песна“.
Наредбата за приведување на Додик, како и на премиерот на Република Српска Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание Ненад Стевандиќ, беше издадена на 12 март, откако сите тројца повеќепати не се појавија на поканите за распит. Додека Додик сега се стави на располагање на органите на прогонот, Вишковиќ и Стевандиќ и натаму се недостапни за правосудните власти, а потерниците и мерките притвор остануваат во сила.