Шумски пожари беснеат на 29 локации низ Македонија, од кои 10 се сè уште активни, три се ставени под контрола, а 16 се изгаснати – покажуваат утринските податоци од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Високите температури, силниот ветер и непристапните терени дополнително ја усложнуваат борбата со огнената стихија.
Најкритичната ситуација се одвива во поширокиот регион меѓу Василево, Радовиш и Берово. Пожарот, кој е активен веќе девет дена, зафати делови од планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде што се шират пламените јазици низ нискостеблеста шума, смрека и густа грмушка.
Градоначалникот на Берово упати итен апел до месното население и општествено одговорните компании да се приклучат на акцијата за гаснење. Според соопштението од Кризниот штаб, доброволците утрово се организираат и се упатуваат кон планината Готен за да го спречат ширењето на пожарот кон селата Владимирово, Мачево и Русиново.
„Потребна е масовна мобилизација. Со себе понесете алат, вода и храна. Вашата ангажираност е од непроценливо значење“, стои во јавниот повик.
Во Прилепскиот крај, пожарот кај село Бешиште се проширува кон Градешница и кон граничната линија со Грција. Други активни жаришта се движат и кон селата Дрен и Смолани, иако дел од пожарот таму е под контрола.
Во Македонски Брод има два активни пожара – кај село Црешнево и меѓу селата Локвица и Крапа, каде што гори деградирана дабова шума и сува вегетација. Во Штипскиот регион, пожарот помеѓу селата Драгоево и Селце зафати нискостеблеста шума и трева.
Во селото Гумалево, Зелениково, се шири пожар во мешана вегетација, а во Желино гори деградирана шума меѓу Церово и Групчин. Во Струмичко, предeлот „Три Води“ е зафатен од оган.
Од позитивната страна, три пожари се ставени под контрола: во селото Грешница кај Македонски Брод, на дивата депонија на улицата Брсјачка Буна во Шуто Оризари, и кај селото Јунузлија, во општина Карбинци.
ЦУК информира дека 16 пожари се целосно изгаснати, меѓу кои и пожари кај депонии, ниска вегетација, трска, стрништа и сува трева. Горело е и во Кочани, Куманово, Прилеп, Ресен, Велес, Гостивар и Старо Нагоричане, каде пламенот зафатил и една куќа. Пожар со висок ризик бил изгаснат и на автопатот Гостивар–Тетово.
ЦУК ги повикува граѓаните на максимална претпазливост. Фрлањето отпушоци, палењето стрништа и несовесното однесување можат да доведат до катастрофални последици. Надлежните служби, пожарникари, авијација и доброволци остануваат на терен, но се потребни повеќе луѓе и ресурси во борбата со огнот кој се заканува и на луѓето и на природата.