Промена на времето: Од утре пониски температури и нестабилно време со пороен дожд и грмежи

По неколкудневен топлотен бран со температури над 43 степени, метеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавуваат промена на временските услови. Од утре се очекува значително опаѓање на температурите, кои ќе се движат под 38 степени, како и појава на нестабилно време со пороен дожд и грмежи, особено изразени во вторник.

Според УХМР, денеска максималната температура повторно ќе биде во интервал од 36 до 43 степени, а за Скопје се очекуваат дури 43 степени. УВ индексот ќе биде многу висок и ќе достигне вредност девет.

Од недела попладне ќе започне појава на локална нестабилност, додека од понеделник се најавува позначителна промена со променливо облачно и посвежо време. Се очекуваат повремени врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи.

Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, а до средината на наредната седмица се очекува да се намалат за 8 до 10 степени во споредба со денешните екстремни горештини.

Зачлени се на нашиот е-билтен