Третина од британските пратеници бараат признавање на палестинска држава

Над 220 пратеници од девет политички партии во британскиот парламент побараа од премиерот Кир Стармер официјално да ја признае палестинската држава.

Во писмо испратено до премиерот и министерот за надворешни работи, Дејвид Лами, 221 член на Долниот дом истакнуваат дека Велика Британија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и со своите историски врски со регионот, има морална и политичка одговорност да го преземе овој чекор.

„Иако не можеме сами да создадеме слободна и независна Палестина, признавањето од страна на Обединетото Кралство би имало значајно влијание“, се наведува во писмото.

Иницијативата ја предводи Сара Чемпион од Лабуристичката партија, претседателка на парламентарниот Комитет за меѓународен развој.

Признавањето на палестинска држава е тема што повторно добива на значење, особено по најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција ќе преземе ваков чекор во рамки на сесијата на Генералното собрание на ОН.

Кабинетот на премиерот Стармер сè уште нема излезено со официјална реакција.

Зачлени се на нашиот е-билтен