Демократската обнова на Македонија (ДОМ) остро ги осуди најновите настани поврзани со оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, по обвинението за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат во случајот „Адитив“.
„Оваа афера сведочи за длабока инфилтрација на коруптивни практики во самите врвови на институциите кои треба да бидат првата линија на одбрана на правната држава“, се вели во соопштението на партијата.
ДОМ предупредува дека недовербата во институциите ја поттикнува масовната емиграција на младите и дека борбата против корупцијата веќе не е политичка, туку егзистенцијална битка за иднината на државата.
Партијата бара:
- воведување независен антикорупциски инспекторат со реални санкции,
- автоматска суспензија на функционери со основано обвинение,
- јавна објава на судири на интереси,
- строго верификување на анкетните листови за имотна состојба.
ДОМ го повика Собранието да ги усвои итно потребните законски измени и да формира специјализирано тело за проверка на интегритетот на јавните службеници.
„Корупцијата не смее да се релативизира ниту премолчува. Време е за обединување – на граѓани, организации и политички субјекти – во борбата за владеење на правото. Пред целосно да го изгубиме институционалниот кредибилитет и младите засекогаш да заминат во потрага по иднина надвор од државата“, предупредуваат од ДОМ.