СДСМ со критика до власта: Дали корупцијата е мотивот за изборот на Казанџи Холдинг?

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати остри критики до владата, обвинувајќи ја за сериозно загрозување на националните интереси преку изборот на турската компанија Казанџи Холдинг за партнер во дистрибутивната мрежа во енергетскиот сектор.

Во соопштението до јавноста, СДСМ прашува дали корупцијата стои зад „срамниот чин на предавство на националните интереси“, укажувајќи дека ќерка-фирмата на холдингот – АКСА Енерџи – е инволвирана во корупциски скандал во Гана.

Партијата потсетува дека угледниот „Фајненшл тајмс“ во 2020 година објави дека АКСА платила околу 2,5 милиони долари мито на службеници од Гана за да добие договор за електрана, повикувајќи се на истрага на американската Комисија за хартии од вредност (SEC). Меѓу сомнителните трансфери се наведува и директно плаќање од 66.000 долари на пратеници во парламентот на Гана.

СДСМ обвинува дека владата го заобиколила Законот за енергетика, доделувајќи го проектот без тендерска постапка и без одговор на клучните прашања од јавноста.

„Зошто се прикрива вистината? Зошто се работи зад затворени врати со фирма со сериозно нарушен интегритет?“, прашува партијата, предупредувајќи дека се ставаат под прашање транспарентноста, правната држава и националната безбедност.

СДСМ бара одговорност и преиспитување на целиот процес, укажувајќи дека довербата на граѓаните и интересите на државата се поважни од било какви прикриени договори.

Зачлени се на нашиот е-билтен