Ен Еплбаум: Путин има три цели, но мора да сфати дека нема да ја добие војната

Американско-полската публицистка и историчарка Ен Еплбаум смета дека рускиот претседател Владимир Путин има три главни цели во Украина, но предупредува дека единствениот начин да се постигне мир е да ѝ се испорачува уште повеќе оружје на Украина – сè додека Кремљ не сфати дека победата е невозможна.

Добитничката на Пулицеровата награда во 2004 година, позната по нејзините дела за Гладоморот, Гулагот и падот на Железната завеса, во интервју за „Дојче веле“ ја анализираше стратегијата на Путин и предупреди на опасностите од неразбирањето на неговите вистински намери.

На прашањето зошто Доналд Трамп толку долго покажува благонаклонетост кон Путин, Еплбаум вели:
„Трамп одамна е фасциниран од луѓе кои владеат без контрола – без судови, без медиуми, без ограничувања. Путин е токму таков лидер. Тој е обучен КГБ-оперативец, знае како да манипулира и да се претстави како пријател. Трамп навистина верува дека Путин му е пријател, тоа и самиот го има кажано.“

Според Еплбаум, Путин има три цели во Украина:

1. Империјална цел

„Путин сака да го воскресне Руското царство со себе како негов владетел. Украина треба да престане да постои како независна нација – било преку поставување марионетска влада, било преку целосна интеграција во Русија. Тој сака да го избрише ‘украинството’. Првичниот план беше да го освои Киев за три дена, а остатокот од земјата за шест недели – план кој пропадна. Сега сме во План Б – уништување и ослабнување на Украина колку што е можно повеќе.“

2. Идеолошка цел

„Путин сака да ги уништи идеите што ја поттикнаа украинската револуција во 2014 година. Тоа беше револуција против корупцијата, за демократија, за приближување кон Европа. Тој стравува од такви револуции – токму таква можеше да му се случи и нему во 2010 или 2011 година. Јазикот на борбата против корупцијата – истиот што го користеше и Навални – е за Путин најопасен. Со уништувањето на Украина, тој сака да го уништи и тој јазик во Русија.“

3. Геополитичка цел

„Путин сака да го поткопа светскиот поредок воспоставен по Втората светска војна – Повелбата на ОН, Женевските конвенции, Конвенцијата за геноцид. Тој сака да покаже дека тие не важат, дека може да ги прекрши и да не биде казнет. Кога зборува за ‘мултиполарен свет’, тој мисли на свет во кој силните напаѓаат слаби, каде што големите нации доминираат со помалите. Тоа е светот што тој го посакува.“

Еплбаум предупредува дека Западот не го разбира целосно екстремизмот на путиновиот режим.
„Многумина мислат дека ќе има мир ако му се отстапи Крим. Но, тие не разбираат дека неговите цели се многу пошироки – уништување на трансатлантскиот сојуз, можеби и на самата ЕУ. Мир ќе има само кога Путин ќе сфати дека не може да победи – кога ќе биде убеден дека поразот е неминовен.“

Затоа, таа повикува на продолжување и засилување на воената поддршка за Украина.
„Путин сериозно ги потцени Украинците. Единствената шанса за мир е преку нивна победа“, заклучува Еплбаум.

Зачлени се на нашиот е-билтен