На Универзитетската детска клиника во Тиршова во Белград денеска почина девојчето кое беше тешко повредено во пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ на Врачар, јави дописиникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од Mинистерството за здравство, ученичката починала и покрај итните хируршки интервенции и сите мерки на интензивно лекување. Министерката за здравство Даница Грујичиќ во свое име и во име на Министерството за здравство изрази искрено сочувство до семејството на девојчето.
По пукањето, девојчето со тешки повреди на главата било однесено во Тиршова, каде веднаш била оперирана. Директорот на клиниката, Синиша Дучиќ тогаш изјави дека операцијата била исклучително тешка, дека има тешки повреди на мозокот и дека детето е витално загрозено. Министерката за здравство Даница Грујичиќ неколку дена по трагедијата изјави дека девојчето е во критична состојба и дека нејзиниот живот е загрозен.
Таа е десеттата жртва на масовното пукање што се случи на 3 мај, кога ученикот од седмо одделение К.К. (13) влезе во основното училиште и пукаше на своите соученици и вработените. На лице место уби осморо ученици и чуварот на училиштето, а седум беа ранети, меѓу кои и една учителка.
Ден по страшниот масакр во Србија се случи уште еден. Тогаш Урош Б.(21) со истрели од автоматска пушка уби осум лица, а рани 16.