ДОМ: Мицкоски во работно време креира коалицијата, а Скопје се гуши!

Мицкоски во работно време креира коалицијата, а Скопје се гуши

Зелената партија ДОМ го осудува срамното однесување на премиерот Христијан Мицкоски и неговите коалициски партнери кои во работните часови (08:00–16:00) ja формализираа нивната коалиција „Твоја Македонија“. ДОМ реагира гласно и јасно: додека граѓаните дишат канцерогени честички од пожарите во „Дрисла“ и „Вардариште“, власта ги тера своите министри да потпишуваат предизборни договори наместо планови за чист воздух и живот без отров.

Во реакцијата на ДОМ уште се наведува:

Ова е дрско непочитување на владеењето на правото и суштински удар врз демократските принципи. Нема ниту еден пратеник, ниту еден член на Владата, кој денеска ја напушти својата канцеларија за да се соочи со хаосот во нашиот главен град. Наместо системски мерки за итна санација на депонии и решавање на отпадниот кризен менаџмент, Мицкоски избра да игра партиска политика за сметка на животната средина и во работно време организира партиски „забави“.

Не смее да се дозволи ова лицемерие да помине неказнето. Коалицијата „Твоја Македонија“, составена од министри и функционери, е симбол на расипничка власт – власт што ги става личните и партиските интереси пред здравјето на граѓаните. Токму овој еколошки пораз укажува дека не сме на вистинскиот пат.

„Коалицијата за зелена иднина“ ги нуди вистинските решенија: итен мораториум на дивите депонии, национален план за управување со отпад и санација на клучните еколошки жаришта, воведување циркуларна зелена економија и модерни мерни станици за квалитет на воздухот. Наместо празна коалициска декларација, ние нудиме конкретни акции за да ја спасиме Македонија од еколошки колапс.

На претстојните локални избори, граѓаните заслужуваат реален избор – локални лидери кои ќе работат во служба на јавниот интерес, а не во партиски штабови. „Коалицијата за зелена иднина“ е единствената опција за чист воздух, животна средина со нула отпад и вистински демократски развој. Јасно е: или продолжуваме да молчиме додека вдишуваме отрови, или градиме зелена и одговорна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен