Во текот на вчерашниот ден, откако избувна пожарот во Трубарево, за кој првично од Дирекцијата за заштита и спасување изјавија дека е гори во фирмата „Нула Отпад“, од оваа компанија следуваше соопштение во кое ти демантираат дека се работи за објект на нивната компанија.
„Во врска со актуелната ситуација со пожар во Трубарево, Нула Отпад како колективен постапувач кој го организира системот на собирање на отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, не поседува отпад ниту фабрика за пластика, фабрика за акумулатори или било каков отпад во Трубарево. Согласно информации од медиумите станува збор за пожар во рециклаторен центар кој е еден од нашите соработници,“ напишаа од Нула Отпад на социјалните мрежи.
Потоа во текот на денот, стигна информација дека објектите зафатени со пожар во Трубарево се на компанијата „Ф-Групација“ која се занимава со електронски отпад.
Во потрагата за дополнителни информации за двете компании, дојдовме со сознание дека има нешто што ги поврзува нив две.
Прегледот на податоците за двете компании на companywall.com.mk, своевиден регистар на фирми во Македонија вели дека директор на НУЛА ОТПАД ДОО Скопје Марјанчо Дамески, а сопственик на компанијата е Друштвото за производство, трговија и услуги ЛЕ-МАН Марјанчо Дамески ДООЕЛ експорт-импорт Скопје.
На истиот портал, регистар на компании, за Ф-Групација, регистрирана на 6 35 Гази Баба Трубарево, има податок дека актуелен директор на компанијата е Даниела Нелепа-Дамеска.


За Марјанчо Дамески и за Даниела Нелепа-Дамеска, на companywall.com.mk има податок дека двајцата се основачи на Сибериан Лајфстајл дооел Скопје, друштво за трговија со додатоци во исхраната и козметички производи.

Според сознанија на Рацин.мк, Марјанчо Дамески и Даниела Нелепа-Дамеска, се сопружници, односно биле сопружници до април оваа година, кога Даниела Нелепа-Дамеска починала, според информациите достапни на социјалните мрежи
Тоа малку поподробно ја објаснува врската меѓу Нула Отпад и Ф-Групација, отколку што тоа се објаснува во соопштение на Нула Отпад кога демантираа дека се работи за нивни објекти во пожарот во Трубарево и кога напишаа дека „станува збор за пожар во рециклаторен центар кој е еден од нашите соработници“.
Рацин.мк стапи во контакт со Нула Отпад на еден од телефоните објавени на companywall.com.mk. Од таму ни рекоа дека бројот е на нивниот кол центар и дека нашето барање за разговор ќе му биде препратено на директорот Марјанчо Дамески за да одговори на поврзаноста на Нула Отпад со Ф-групација, за која се’ уште стојат податоци дека е во сопственост на Даниела Нелепа-Дамеска, која починала во април оваа година.
Од тогаш поминаа неколку часа и од таму не добивме повратен одговор за поврзаноста на компаниите Нула Отпад и Ф-Групација. Штом ќе ги добиеме нивните одговори, ќе ги објавиме во посебен текст.