Сопственикот на Facebook претстави нови паметни очила со вградена вештачка интелигенција

Извршниот директор на Meta, Марк Цукерберг, ги претстави најновите паметни очила со вградена вештачка интелигенција (AI), на годишната конференција „Meta Connect“, одржана во Силиконската долина. Очилата се резултат на партнерството со брендови како Ray-Ban и Oakley, и претставуваат обид на компанијата да ги направи AI уредите дел од секојдневниот живот.

Новите Meta Ray-Ban Display очила имаат високорезолутивен екран во едното стакло, можност за видео повици, читање пораки и камера од 12 мегапиксели. Дополнително, Meta претстави и неуро нараквица која овозможува контрола на очилата преку мали рачни гестови, како испраќање пораки.

Цукерберг го нарече уредот „огромен научен пробив“, но демонстрацијата не помина без проблеми – повик преку WhatsApp не се реализираше. „Не знам што да ви кажам, постојано го зезнувам ова“, изјави тој пред насобраната публика.

Целта на Meta е овие очила да станат платформа за интеграција на Meta AI во секојдневниот живот, во обид да се надмине неуспехот на Metaverse.

Аналитичарите сметаат дека паметните очила имаат поголем потенцијал од VR шлемовите бидејќи се практични и ненаметливи. Сепак, цената на новите уреди – од 379 до 799 долари – може да биде пречка за поширока прифатеност.

Meta е во среде огромни инвестиции во AI – се очекува да потроши стотици милијарди долари за изградба на AI дата-центри и регрутирање врвни експерти од конкуренцијата.

Во исто време, компанијата се соочува со жестоки критики за заштитата на децата на нејзините платформи. Пред само неколку дена, родители и активисти протестираа пред канцеларијата на Meta во Њујорк, барајќи поголема безбедност за младите корисници.

Извор:BBC

Зачлени се на нашиот е-билтен