Ропке: Сакаме во следните години кон ЕУ да се приклучат нови членки  

Верувам дека пораката на Европската комисија до кандидатите за членство е дека сме спремни за прием и сакаме во следните години нови земји членки да се приклучат кон ЕУ, се разбира, кога ќе ги исполнат условите, вели претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ), Оливер Ропке.   

„Tоа отсекогаш беше ветување на Европската Унија. Но, можевме да видиме во текот на изминатите години дека тоа ветување не беше исполнето и од двете страни. Значи, го имаме овој моментум за проширувањето и мислам дека мора да го одржиме“, изјави Ропке во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и државната агенција МИА заедно со уште 24 новински агенција од цела Европа.   

Според Ропке, затоа Комитетот става значаен акцент и приоритет на проширувањето, со поттик за активно вклучување на претставници на граѓанското општество од земјите кандидатки во спроведувањето на реформите, што е предуслов за членство врз пристапот базиран на заслуги. 

„Сите го прифаќаат овој пристап. Сега ни треба и силна политичка волја. Го гледам тоа и можам само да кажам дека ЕЕСЦ е апсолутен поддржувач на оваа идеја“, потенцира Ропке. 

За остварувањето на таа цел, според Ропке, ЕЕСЦ ја има Иницијативата на членки од кандидатите за проширување, и повеќе специфични тела, како заедничките консултативни комитети, преку кои се воспоставува структурирана соработка меѓу социјалните партнери, граѓанското општество и владите, како тела за следење на состојбите, но и за формулирање препораки за процесот на проширување.  

„Мислам дека преку нашата работа постигнавме конкретни подобрувања“, додава Ропке. 

Интервјуто во кое Ропке, меѓу другото, говори и за соработката на Комитетот со цивилниот сектор од земјите кандидати за членство, за постигнувањата на ЕЕСЦ и за неговите ставови кон трговската и социјалната политика на ЕУ, МИА во целост ќе го објави утре. 

Зачлени се на нашиот е-билтен