Одлуката на 35-годишната Окасио-Кортез за 2028 година би можела да ја потресе претседателската трка или да го промени лидерството во Сенатот. Нејзиниот партиски колега од Њујорк, лидерот на демократската мнозинска група во Сенатот, Чак Шумер, кој има 74 години, има намера повторно да се кандидира за 2028 година. Трката за Сенат помеѓу Шумер и Окасио-Кортез би претставувала генерациски судир во кој ќе се соочат водечките традиционалисти на Демократската партија со нејзината прогресивна ѕвезда-бунтовник.
Кампања надвор од нејзината изборна единица
Оваа година, Окасио-Кортез, позната како AOC, водела кампања низ целата земја и во делови од американската држава Њујорк, далеку од нејзината изборна единица во градските окрузи Бронкс и Квинс. Притоа вложувала милиони за да ја зајакне својата веќе силна присутност на интернет.
Во својот тим вклучила неколку поранешни високи советници на демократскиот сенатор Берни Сандерс, за да ја зајакне својата организација. Окасио-Кортез сè уште не донела никаква одлука за својата иднина, но нејзините соработници работат на тоа да и обезбедат можности за избор.
Ова лето, таа одржала низа собири на северот на Њујорк, што би можело да ѝ помогне да ја зголеми популарноста за кампања за Сенат. На еден собир во Платсбург, таа изјави: “Платсбург, тука сме, затоа што секој град, секоја област, секоја четврт во оваа држава е важна. Секој агол е важен. Никој не заслужува да биде заборавен.”
Со Сандерс на турнеја низ САД
Соработниците на Окасио-Кортез учествуваа на собири низ земјата, придружувајќи му се на Сандерс на неговата национална турнеја “Борба против олигархијата”. Публиката скандираше: “AOC! AOC!”
Некои блиски соработници веруваат дека, дури и ако не верува дека може да победи, Окасио-Кортез би можела да се кандидира за Белата куќа само за да осигура дека прогресивното крило на Демократската партија ќе биде претставено во партиските претседателски избори, како што тоа го направи Сандерс во 2016 против Хилари Клинтон.
Брз раст на социјалните мрежи
Окасио-Кортез оваа година потрошила милиони на социјалните мрежи и за создавање список на потенцијални поддржувачи и донатори за да ги прошири своите можности за финансирање на кампањата од долу нагоре.
“Нејзиниот тим потрошил повеќе на дигитално рекламирање отколку скоро кој било друг политичар во 2025 година и како резултат на тоа собрал стотици илјади нови мали донации”, изјави Кајл Тарп, автор на билтен за медиуми и политика “Chaotic Era”, кој внимателно ги следи онлајн трошоците.
“Таа исто така остварила рекорден органски раст на социјалните мрежи, додавајќи неколку милиони нови следбеници на Инстаграм, ТикТок, Блуески, X и Фејсбук”, додаде Тарп. На сите тие платформи, Окасио-Кортез собра 36,7 милиони следбеници, далеку надминувајќи го Шумер и повеќето потенцијални кандидати за Белата куќа.
Може да ја освои демократската претседателска номинација
Некои поранешни соработници на Сандерс ја гледаат Окасио-Кортез како негов наследник кој може да ја прошири неговата привлечност надвор од левото крило на партијата и веднаш да собере десетици милиони долари за претседателската трка.
Ари Рабин-Хавт, долгогодишен соработник на Сандерс, изјави за Axios: “Таа има база на поддржувачи која во многу аспекти има поширок потенцијал од Берниевата. Од првиот ден, била под рефлекторите и има национално искуство во водењето кампања, што многу други потенцијални кандидати тек се обидуваат да го стекнат. Било би крајно арогантно да се претпостави дека не би можела да ја освои номинацијата за 2028 година.”