35 пратеници бараат смена на Вархеји, притисок врз фон дер Лајен

Во Брисел расте притисокот врз унгарскиот комесар Оливер Вархеји. Триесет и пет пратеници од Европскиот парламент ѝ испратија писмо на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со барање таа лично да го натера Вархеји да поднесе оставка. Според содржината на писмото, до која дојде „Еuronews“, потписниците доаѓаат од четири различни политички групи – социјалдемократите (S&D), либералите (Renew), зелените (Greens/EFA) и левицата (The Left). Тие тврдат дека скандалот со наводното шпионирање на институциите на ЕУ од страна на унгарската разузнавачка служба ја прави функцијата на Вархеји политички и морално неодржлива. Вархеји е европски комесар за здравје и благосостојба на животните од 2024 година, номиниран од унгарската влада.

Скандалот се однесува на тврдења дека унгарската надворешна разузнавачка служба, во периодот меѓу 2012 и 2018 година, ја користела постојаната мисија на Унгарија во Брисел како платформа за да се инсталира мрежа што ќе собира доверливи информации од вработени во институциите на ЕУ и дури да регрутира свои луѓе во самата Комисија. Овие активности наводно се одвивале делумно во време кога Вархеји бил амбасадор на Унгарија при ЕУ (2015–2019). Европската комисија потврди дека фон дер Лајен веќе разговарала со Вархеји за сомнежите, а тој ѝ рекол дека „не бил свесен“ за какви било обиди за регрутирање шпиони додека тој раководел со мисијата во Брисел. Комисијата отвори и внатрешна безбедносна постапка за да ги провери наводите, која ја води висок функционер за безбедност на институциите, и објави дека ги сфаќа тврдењата како сериозно прашање на доверба и заштита на институциите на Унијата. Истовремено се нагласува дека засега нема официјален доказ дека Вархеји формално ги прекршил правилата.

Пратениците кои го потпишаа барањето велат дека ако овие наводи за шпионажа се потврдат, довербата во комесарот е „суштински нарушена“ и станува невозможно тој да остане во извршната власт на ЕУ. Тие директно ја повикуваат фон дер Лајен да го искористи член 17 од Договорот за Европската унија, кој ѝ дава овластување да побара оставка од поединечен комесар. Европскиот парламент сам не може да смени еден комесар: тој има на располагање само гласање за недоверба на целата Европска комисија, механизам кој последниве месеци веќе неколку пати беше закануван кон ова состав на Комисијата, но без успех.

Притисокот врз Вархеји не доаѓа само од европратениците. Повеќе од шеесет универзитетски професори од различни земји на ЕУ, обединети во мрежата „Good Lobby“, објавија сопствен повик за негово заминување. Тие предупредуваат дека наводната вмешаност во шпионска шема е неспоива со основниот принцип дека секој комесар мора да дејствува исклучиво во интерес на целата Унија, а не во интерес на поединечна национална влада. Во исто време, во Брисел веќе се чувствува дека ова не е изолиран случај, туку дел од подолг судир меѓу институциите на ЕУ и владата на Виктор Орбан во Будимпешта – судир околу владеењето на правото, корупцијата, односот кон Украина и блокирањето на одлуките на ЕУ.

Вархеји веќе подолго е во судир со Европскиот парламент. Тој беше мета на критики за начините на кои ја водеше комуникацијата со пратениците и за тоа како ги бранеше позициите на Будимпешта во досиејата поврзани со проширувањето на Унијата и, подоцна, со здравството. Дел од неговите надлежности во областа на здравството веќе му беа ограничени со политички договор во парламентот, што беше толкувано како предупредување дека довербата истенчува. Сега, со директно барање за негова оставка, кризата преминува од институционален спор во политички тест за самата фон дер Лајен: дали ќе го жртвува унгарскиот комесар и на тој начин ќе прати порака дека шпионирањето внатре во ЕУ е црвена линија, или ќе се обиде да го амортизира ударот за да не ја отвори нова војна со Будимпешта.

Зачлени се на нашиот е-билтен