Специјализираното јавно обвинителство на Словенија побара покренување судска истрага против 21 лице, вклучувајќи го и градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ. Тој е осомничен за примање бенефиции за нелегално посредување, давање поткуп и поттикнување злоупотреба на положбата или довербата во економската активност.
Барањето за отворање истрага беше поднесено до Окружниот суд во Љубљана пред два месеци, а сега се чека одлуката на истражниот судија. Оваа информација прв ја објави порталот Домовина , додека градската администрација потврди за ПОП ТВ дека првото рочиште на Јанковиќ се очекува во вторник, јавува Н1 Словенија.
Да потсетиме дека кон крајот на јануари минатата година, полицијата спроведе обемни истраги за економски криминал и сомневања за корупција на подрачјата на полициските одделенија Љубљана, Целје, Крањ и Нова Горица. Претреси беа извршени и во просториите на Градската општина Љубљана, како и во домот на Зоран Јанковиќ.
Неговиот адвокат Јанез Кошчак во тоа време изјави дека Јанковиќ е обвинет за поттикнување злоупотреба на службената должност за потпишување на два спонзорски договори со фудбалски клуб, кој според тогашните обвинувања бил НК Олимпија. Тој, исто така, потврди дека полицијата истражува изградба на контроверзниот поврзувачки канал C0.
По претресот, Специјализираното обвинителство објави дека се води постапка против 19 осомничени лица, со сомнение за системска корупција во државната администрација при издавање градежни дозволи и злоупотреба на средствата на Градската општина Љубљана.
Случајот продолжува да привлекува големо внимание кај словенечката јавност, а наскоро се очекува судска одлука за покренување официјална истрага.

