Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Протести во северно Косово, КФОР апелира на воздржаност од сите страни

Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, го зголеми своето присуство во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, откако утрово локални Срби излегоа на протест пред општинските згради во општините, во кои на неодманешните вонредни локални избори, кои Србите ги бојкотираа, победија кандидати на партиите на етничките Албанци.

Како што јави МИА, единици на КФОР се поставија меѓу припадниците на косовската полиција, кои ги обезбедуваат општинските згради, и демонстрантите кои бараат новоизбраните градоначалници на Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток да ги напуштат зградите и косовските специјалци и нивните оклопни возила да се повлечат.

Помал инцидент се случи утрово во Звечане, кога полицијата употреби солзавец против демонтрантите, за кои соопшти дека се однесувале насилнички при обидот да влезат во зградата на општината. Во оваа општина демонтрантите, меѓу кои се забележани и повеќе маскирани лица, на оклопни возила на косовската полиција поставија српски знамиња и ги испишаа српските симболи со четири „С“, додека на едно возило на КФОР ја исцртаа буквата „З“, кој е симбол на руската војна во Украина.

КФОР преку соопштение ги повика двете страни да се воздржат од дејствија кои можат да предивикаат тензии и ескалација, а воедно побара од Косово и Србија да се посветат на дијалогот со посредство на Европската Унија, како „единствен пат кон мирот и нормализацијата на односите“.

– Ги повикуваме сите страни да се воздржат од дејствија кои можат да поттикнат тензии и да предизвикаат ескалација. Согласно својот мандат, КФОР е подготвен да ги преземе сите потребни дејствија за да обезбеди мирно опкружување на неутрален и непристрасен начин. Командантот на КФОР останува во близок контакт со неговите главни соговорници, вклучително претставниците на безбедносните институции и организации на Косово, Генералштабот на Вооружените сили на Србија, како и со мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС) и другите претставници на меѓународната заедница, се вели во соопштението.

Според последното соопштение на косовската полиција, покрај помалите инциденти, ситуацијата во општините Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде што се протестира, е мирна и под контрола.

Новоизбраните градоначалници во четирите општини со мнозинско српско население, за кои гласаа 2-3 проценти од граѓаните со право на глас, во петокот положија заклетви и влегоа во нивните општинските згради обезбедувани од голем број припадници на специјалната полиција. Истиот ден, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, свика седница на државниот Совет за безбедност и нареди подигнување на борбената готовност на вооружените сили.

Зачлени се на нашиот е-билтен