Неформалната граѓанска иницијатива „Мегафон“ поднесе претставка против говорот на омраза на премиерот Христиина Мицкоски.
Во соопштение до јавноста од „Мегафон“ информираат дека претставката е доставена до Народниот правобранител, а ја известиле и Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Во продолжение претставката на „Мегафон“ во целост:
Со оваа претставка Ви се обраќаме како граѓани длабоко загрижени за говорот на омраза и заканувачките пораки кои во последно време ги упатува Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски.
Конкретно, во своите јавни настапи, тој ги нарекува медиумските работници, политичките опоненти и сите неистомисленици „талог на општеството“ и притоа најави дека „како Влада сме силно одлучени тој талог да го поразиме“, што создава атмосфера на нетрпеливост, страв и потенцијално насилство врз граѓаните кои критички се изразуваат кон власта.
Во прилог доказ од обраќање на Претседателот на Влада, Христијан Мицкоски, на форум на повратниците во државата на 24.12.2025. (https://www.youtube.com/live/MTJZY217kbk?si=qRtO1MERTQs4_jUy).
Ваквите изјави се спротивни на основните демократски принципи, на слободата на говорот и медиумската слобода загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, како и на меѓународните конвенции за заштита на човековите права.
Истовремено, тие претставуваат форма на психолошко заплашување и поттикнување на нетолеранција, насилство и автоцензура во јавниот простор.
Ве молиме, согласно вашите надлежности, да извршите увид во случајот, да утврдите дали се прекршени правата на граѓаните и новинарите и да укажете на неопходноста од воздржаност на јавните функционери од користење навредлив и заканувачки говор.
Очекуваме Ваш одговор и препораки за преземање на понатамошни мерки во рамки на институционалните механизми за заштита на човековите права и достоинството на сите граѓани.