На денешниот брифинг со новинари, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, посочи дека Соединетите Американски Држави, како стратешки партнер на земјите од Западен Балкан, во изминатиот период повторно го враќаат фокусот на регионот, за што показател е најавата од САД за посебен закон за специјални санкции против лица поврзани со криминал и корупција.
„Значи, го враќаат фокусот тука на Балканот. И сега после тоа е веќе се јасно што се случува. А што прави нашата власт во меѓувреме? Се грижи само за своите луѓе“, рече Филипче.
Тој нагласи дека додека меѓународната заедница ја заострува борбата против корупцијата, Владата на ВМРО-ДПМНЕ си дели тендери.
„Видовме примери 161 тендер една компанија 5,3 милиони евра. Друга компанија 9 милиони евра само со двајца вработени “, посочи Филипче.
Притоа, Филипче информираше дека преку платформата на Антикорупцискиот тим на СДСМ, секојдневно пристигнуваат стотици документи и пријави за корупција во кои е вмешана власта.
„Во Истражувачкиот центар за коруптивни операции секојдневно се примаат стотици документи пријави од граѓани од вработени во јавни институции, од луѓе блиски и членови на ВМРО-ДПМНЕ, на кои што очигледно им е преку глава тоа што нивните другарки и другари го прават“, рече Филипче.