Само околу 3.000 граѓани од Куманово кои работеле во воените жаришта во Ирак и Авганистан треба да платат милионски суми данок во Македонија ако не докажат дека го платиле меѓународните контрактори што ги ангажирале.
Незадоволстлвото кај Кумановци расте бидејќи треба да платат огромни пари откако тие добија опомени од Управата за јавни приходи (УЈП) за неплатен данок на личен доход од странски компании за 2020 година.
На протестот што го одржаа пред УЈП во Куманово во петокот (26.12.) реагираа дека „државата преку УЈП директно врши притисок врз сопствените граѓани”. Велат дека не бегаат од даноци, но нема да прифатат „неправда, селективна примена на закон и уцени спакувани како информативни пресметки на данок и решенија”.
„Во изминатите две-три недели УЈП нѐ контактираше сите нас, некои писмено, некои телефонски и ни доставија пресметки за 2020 година, денес, пет години подоцна. Сметаме дека УЈП прави сериозни пропусти во постапките – не постапила навремено со евидентирање на приливите. Не донела решение во текот на фискалната или наредната година. Не обезбедила навремени и уредно информирање на граѓаните. Ова не е редовна даночна постапка, ова е лов на пари за полнење на државната каса“, изјави кумановецот Зоран Наковски на протестот.
Некои од засегнатите добиле правна поука да се повикаат на членот 5 од Законот за личен доход, за кој сметаат дека им дава можност да докажат дека не биле резиденти и даночни обврзници во периодот додека работеле и престојувале надвор од државата. Членот 5 инаку вели: „Даночен обврзник е ако резидентот имал престојувалиште на територијата на Македонија непрекинато или со прекини 183 или повеќе дена во кој било 12-месечен период“.
Најголемиот дел тврдат дека во странство престојувале по 10 месеци во годината, и дека тоа треба да ги ослободи од данок. „Ни побараа тоа да го докажеме со запис од МВР за влез и излез, но од МВР на нашите барања одговорија дека не чуваат таков електронски запис. Од друга страна, не ни ги признаваат печатите на нашите патни исправи каде се гледа кога сме излегувале од државата и кога сме се враќале“, изјави за ДВ друг засегнат кумановец.