Не само „Усје“, сите загадувачи мора да се дислоцираат од центарот на Скопје, рече градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, по протестите на активистите кои протестираат против аерозагадувањето.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги поддржува едногласно изгласаните заклучоци на советниците во Советот на Град Скопје, за дислокација на цементарница „ Усје’’, за справување со аерозагадувањето и најави средби со премиерот и со заменик-министерката за животна средина за решавање на проблемот.
Градоначалникот смета дека цементарницата „Усје“ не е единствениот проблем и дека е потребна поширока стратегија за преместување на тешката индустрија надвор од градот.
„За жал, повеќе од 30 години сите го констатирале проблемот, но никој не го решил. Цементарница не е единствениот потенцијален загадувач. Ние имаме и останати погони и фабрики кои според мене треба да бидат дислоцирани од централното градско подрачје. Имаме одредени погони во Железара, имаме фабрики за кабли, одредени отпади.Што значи дека системот што требало да се изгради, не е изграден. Тоа биле лоши проценки во минатото. Триесет години освен констатации, немаме помрднување од мртва точка“, рече Ѓорѓиевски во гостување на ТВ Сител.
Ѓорѓиевски кажа и дека инспектори веќе делуваат на терен, иако тоа било без медиумска помпа. Досега, како што рече, биле изречени неколку казни во висина од 53 000 евра за индустриски капацитети со Б-интегрирана дозвола.
Усвоена е и мерка за финансиска поддршка на граѓаните за поставување филтри на оџаците.