Почина проф. д-р Кирил Темков, универзитетски професор во пензија. Целата своја академска кариера ја помина на Философскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Кирил Темков е роден во Кавадарци во 1943 година, во занаетчиско семејство, учел во Белград и во Скопје, дипломирал (1968) и докторирал филозофија (1982) на Универзитетот во Скопје.
Беше ученик и асистент на проф. д-р Павао Вук-Павловиќ, постдокторски студии кај проф. д-р Александар Грличков во Белград (1983-1987).
Беше асистент, предавач, вонреден и редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на менаџерството, Филозофија на политиката, Еколошка етика, Биоетика, Менаџерска етика, Педагошка етика и Филозофија на образованието при Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Заедно со неговиот колега од факултетот Георги Старделов, беше основач на Естетичката лабораторија на Философскиот факултет.
Темков беше автор на бројни статии од областа на Филозофијата, Етиката, Естетиката (особено за уметничката фотографија, ликовната и драмската уметност, џезот) и Културологијата, како и на повеќе книги: „Основите на еден нов Универзитет“ (1975), „Панорама на естетичките идеи од втората половина на 20-тиот век“ (1981), „Отворен Универзитет“ (1993), „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ (1997), „Етика“ (1998), „Етика за младите“ (1999, 2001; прев. на српски, 2 изд.), „Етички речник за младите“ (1999, 2001, 2004), „Етиката денес“ (1999, прев. на бугарски), „Етика за најмладите (2000-2002, делумно прев. на бугарски), „Луј Армстронг – Сачмо“ (2000), „Историја на џезот“ (2002).
Во неговите најплодни години беше посветен на внесувањето на етиката во сите степени на образованието. Во таа насока ги напиша и книгите „Етика за децата“ (2003, преведена и на бугарски), „Етика за 2 клас гимназија“ (2004), „Етика за 3 клас гимназија“ (2004), „Филозофија за 4 клас гимназија“ (2005), „Етика и љубовта“ (етика во градинките, 2006).
Од останатите негови дела се и „Деловна и професионална етика“ (со проф. Серафим Томовски, на македонски и албански јазик, 2006), „Професионална етика“ (2011), „Етичари – 100 најзначајни философи на моралот“ (2014), „Биоетика за најмладите“ (2013-2015), „Џез – естетика и антропологија“ (2017).
Темков ги преве книгите: „Прагматизам“ од Вилијам Џејмс, „Критика на практичниот ум“ од Имануел Кант, „Научна расправа за методот“ од Рене Декарт, „За слободата“ од Џон Стјуарт Мил, „Ецце Хомо“ на Фридрих Ниче, како и книгите на Павао Вук-Павловиќ, Душан Недељковиќ, Лука Прошиќ, Миленко Пејовиќ и др. Кирил Темков беше добитник на наградаите Награда на град Кавадарци, орден „Академски палми“ на Република Франција и Меѓународна награда „Гоцева мисла“ на фондацијата Македонија презент.
Погребот на проф. д-р Кирил Темков е закажан за утре, недела, 28 декември. Посмртните останки на Кирил Темков ќе бидат изложени во капелата на гробиштата во Бутел од 10.30 до 11.30 часот.