Надица утре требаше да го слави 18 роденден, рече нејзиниот татко на протесниот марш на родителите од Кочани

„Имаме уште една желба – правдата да пресуди за вашето прерано заминување. Ако таа се исполни, ќе знаеме дека постои правда“, стои во пораката.

Уште еден протестен „Марш за ангелите во Кочани“, на родителите на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. На 35. марш беше проследен со емотивни говори на родителите, меѓу нив и таткото на загинатата Надица Наунова, која утре требаше да го слави 18 роденден.

Болката на таткото по својата ќерка, извираше од секој кажан збор. Тој ја објасни агонијата во која сега живее неговото семејство. Рече дека таа не е почината по божја волја, туку поради корупција. Откри дека Надица го молела да се иселат од Македонија, но тој не ја послушал.

„Го славиме твојот небесен роденден ќерко моја. На 8 март мојата ќерка Надица ѝ го подари последниот подарок на својата мајка. Мал гест, но исполнет со љубов. Таква каква што само едно дете знае да ја даде. Не знаевме дека тоа ќе биде нејзиното последно те сакам преточено во дело. Седнавме тогаш да ручаме, како вистинско семејство. Разговаравме, се смеевме, си ги гледавме лицата со радост и надеж. Зборувавме за нашиот најсреќен ден 28 декември, денот кога мојата прва рожба, мојата прва радост требаше да наполни 18 години. Зборувавме за музиката што таа ќе ја избере, за ди-џејот што ќе ја крене салата на нозе, за фустанот што ќе го одбере и колку ќе биде убава. Зборувавме за гости, за пријатели од Србија, за смеа, за радост, за торта. Тоа не беа само планови туку тоа беше живот што го очекувавме, но на 16 март се згасна“, рече низ солзи таткото на Надица.

Мајка на едно од загинатите момчиња објави потресно писмо посветено на својот син и на неговите пријатели, кои својата прва Нова година, наместо со најблиските, ја „дочекуваат“ на небото.

„Требаше овде да се слуша вашиот глас, вашата смеа и љубов. Но, наместо тоа, остана само тишина, крик, болка и солзи. Среќна ви прва небесна Нова година, ангели наши. Славете како што славевте – радосни и разиграни како таа кобна ноќ“, пишува мајката.

„Имаме уште една желба – правдата да пресуди за вашето прерано заминување. Ако таа се исполни, ќе знаеме дека постои правда“, стои во пораката.

Зачлени се на нашиот е-билтен