Новак Ѓоковиќ, најодликуваниот тенисер во историјата и десеткратен победник на Австралија Опен, продолжува со подготовките за првиот Гренд слем турнир во сезоната, но најновите детали од теренот во Мелбурн предизвикаа одредена загриженост.
Во текот на денот, Ѓоковиќ тренираше со Данил Медведев , рускиот тенисер кој моментално е рангиран на 12-то место на АТП листата. Нивната заедничка сесија, првата во денот, траеше нешто повеќе од еден час и помина без никакви видливи проблеми.
Сепак, вниманието на публиката го привлече вториот настап на Ѓоковиќ на теренот , кој се одржа попладне по локално време. Тренингот, одржан на теренот број 10, траеше само дванаесет минути , што е невообичаено за последната фаза од подготовките за Гренд слем.
Новак поголемиот дел од тој краток престој го помина со својот тренер Миљан Амановиќ , кој му го масираше вратот. Иако ваквите третмани не се невообичаени во професионалниот тенис, сведоци наведуваат дека овој пат сè изгледало доста непријатно, па дури и болно.
Наместо интензивна работа, тренингот главно се сведе на разговори со тренерскиот персонал. После тоа, Ѓоковиќ облече дуксер и го напушти теренот порано од планираното , без да продолжи со тренингот.
Моментално нема официјални информации за какви било здравствени проблеми, но кратката и прекината сесија остави простор за шпекулации, особено имајќи предвид дека се ближи Австралија Опен и дека Ѓоковиќ е познат по тоа што ретко ги прекинува своите тренинзи без причина.