Премиерот денеска порача дека Влада на Република Северна Македонија може да помогне работодавачите и работниците да најдат компромис, но „не може да наметнува“, коментирајќи ги синдикалните барања минималната плата да достигне 600 евра.
Според Мицкоски, Владата го охрабрува бипартитниот дијалог и повтори дека минималната плата ќе се зголеми согласно законот. Тој најави дека на почетокот на март се очекува состанок на Економско-социјалниот совет, каде што Владата, како што рече, може да помогне во процесот на усогласување меѓу двете страни.
Премиерот посочи и дека Владата како работодавач веќе постигнала договор за најголемиот дел од вработените во владините институции, со рамка што, според него, важи до 2028 година. Пораката до приватниот сектор, пак, е дека државата нема да „сугерира“ како компаниите ќе ги уредуваат односите со своите вработени, туку ќе се држи до законскиот механизам за минималецот.