Јаневска ќе им тера инает на универзитетите, не го повлекува законот

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование, иако опозициските пратеници тоа го побараа на пленарна седница во Собрание на Република Северна Македонија.

Јаневска посочи дека јавните расправи сè уште се во тек на универзитетите и дека нацрт-текстот е објавен на ЕНЕР, каде што, според неа, сите засегнати страни можат да доставуваат коментари. „Нема да го повлечам законот… за добробит на сите“, рече Јаневска, одговарајќи на прашање од пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Министерката призна дека има реакции од студенти и наставно-научен кадар, но оцени дека критиките не може да се „генерализираат“ и дека дел од забелешките, како што кажа, се прегенерализирани и исполнети со флоскули.

Во образложението, Јаневска тврдеше дека нацрт-законот е изработен според европски и светски стандарди и дека предвидува подобрување на студентските права, двегодишни мандати за универзитетските тела и мерки за поддршка на најуспешните студенти, вклучително и оние што се враќаат од престижни универзитети. Како новини ги наведе и финансиската рамка за демонстратори и можностите за вклучување и вработување на студенти преку проекти.

На критиките дека државата се меша во универзитетската автономија, Јаневска возврати дека членот 13, според нејзиното толкување, токму ја штити автономијата, а не ја нарушува. Додаде дека во изработката учествувале „над шеесет професори“ и најави дополнителни расправи и консултации.

Зачлени се на нашиот е-билтен