Нема решение за ФК Победа, газдите никаде ги нема, навивачите во револт: Ние ќе излеземе на терен

Победа

Денеска на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп се одржа собир на спортисти, поранешни и сегашни играчи, навивачи и љубители на ФК Победа кои побараа клубот да биде спасен од пропаст по секоја цена.

Филип Илиоски, кој беше потписник на повикот за оваа средба се претстави како Извршен директор на клубот, рече дека сегашниот сопственик на 70% од акциите од клубот А.Д. ФК Победа Прилеп е Јана Попоска Мицкоска која побарала акциите да ги преземе градот, како еден можен начин да се спаси клубот.

Илиоски потенцираше дека долговите на Победа кон УЈП изнесуваат 7 милиони денари, и дека секоја донација или пари кои ќе легнат на сметката ќе бидат повлечени од Управата за јавни приходи заради долговите на клубот.


Излезот од оваа катастрофална ситуација го гледа единствено во тоа Општина Прилеп да се заангажира повеќе за да се извлече и да ја спаси ФК Победа од оваа ситуација.

Не се знае зошто на состанокот немаше претставници на актуелните сопственици на клубот.

Навивачите на ФК Победа Прилеп бараат одговорност за финансиските проблеми на клубот од 2018 година до денес и ја повикуваат Општина Прилеп да застане зад „најпосетениот клуб“ со финансиска поддршка, предупредувајќи дека ако не се најде решение, тие ќе се појават и ќе играат на натпреварот во сабота.

Ова го порача Александар Илиески, член на навивачката група Мајмуни и поранешен комесар за безбедност на ФК Победа Прилеп, кој во изјава нагласи дека првиот услов за каков било понатамошен развој е да се утврди „зошто клубот се соочи со овие финансиски проблеми“ и, како што рече, „мора да има одговорност“.

Илиески ја насочи критиката и кон институциите на локално ниво, повикувајќи ја Општина Прилеп да обезбеди средства за клубот, со аргумент дека многу општини во земјата стојат зад своите екипи. Тој предупреди дека згаснувањето на Победа би било удар за спортската традиција, нагласувајќи дека клубот има силна историја од времето на Југославија и во независна Македонија и дека, според него, станува збор за клуб со најголема посетеност.

Во истата изјава, Илиески тврдеше дека фудбалерите не примиле плата „последниве пет години“ и дека, и покрај тоа, останале да помогнат.

Во емотивниот настап пред новинарите Александар Илиески

Тој ја искористи оваа констатација за да ја оправда најавата за радикален потег од страна на навивачите ако, како што рече, не се најде решение, навивачите ќе излегле на теренот во Новаци во сабота кога е следниот натпревар на ФК Победа.

„Ако не се најде решение, ние ќе се појавиме и ќе играме. Ние сме Победа, колку и да нè казнат, ние ќе играме“, изјави Илиески, додавајќи дека ќе излезат на терен „пред сè за фудбалерите, а потоа и за клубот“. Се разбира, сосема е јасно дека една таква постапка е против сите правила на Фудбалската федерација на Македонија и дека тоа ќе се смета само како манифестација на револтот на навивачката група на ФК Прилеп.

Во претходните реакции на Општина Прилеп, беше речено дека градот е подготвен да помогне, но дека тоа не може да го направи додека не се расчистат долговите што клубот ги направи откако беше преземен од новите сопственици и дека тие се направени под сомнителни околности.

Зачлени се на нашиот е-билтен