Денес, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, донација од голем број клучни книги за македонскиот јазик, книжевност, култура и историја тргнува кон Љубљана. „Матица македонска“ од каде што и почна иницијативата за дарување книги и „Алкалоид“, првата општествено одговорна компанија што се приклучи кон иницијативата, заеднички донираат капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.
Во академската 1961/1962 година, во Љубљана беше отворен првиот лекторат по македонски јазик во светот, за потоа, во академската 1984/85 година да прерасне во Катедра за македонски јазик и книжевност, којашто и денес успешно функционира во рамките на Одделот за славистика. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација од „Матица“ и „Алкалоид“ е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка Катедра по овој повод.
– Катедрата за македонски јазик и книжевност при Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана ѝ го честита на „Матица македонска“ јубилејот 35 години од основањето и ѝ посакува и натамошни успеси и што повеќе читатели и читателки. Со прекрасната иницијатива „Подари книга, подари свет“, тоа сигурно ќе се оствари. Ни претставува голема чест и многу сме благодарни за богатата книжна донација што во рамките на оваа иницијатива ни ја доделуваат првата издавачка куќа во самостојна Македонија и „Алкалоид“. Квалитетните современи изданија секако ќе ја збогатат нашата библиотека и ќе овозможиат потемелно изучување и истражување на македонскиот јазик, книжевност и култура на нашиот факултет. Овие изданија не само што ќе бидат од корист за студентите што ја изучуваат македонистиката во раките на трите циклуси на студии, туку ќе бидат и поттик за нови истражувања, анализи и научни согледби и ќе ни овозможат нови перспективи за афирмација на македонскиот јазик и на вредностите на македонската книжевност и култура. Онака како што и во изминатите децении, изданија на „Матица македонска“ беа референци во нашите проучувања и во пренесувањето на љубовта кон македонистиката кај нашите студенти. Посакуваме овој пример да го следат и другите оштествено одговорни компании, вклучително и за другите универзитетски центри низ светот на коишто се изучува македонистиката, истакнува раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана, проф. д-р Намита Субиото.
Инаку, Филозофскиот факултет во Љубљана, прв во некогашниот заеднички југословенски образовен систем има распишано конкурс за лектор по македонски јазик, уште во 1960 година, иако и претходно, во рамките на студиите по јужнославистика, македонистиката официјално се изучувала и на универзитети во други земи. Академиците Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ, како тогашни раководители на македнистичките катедри на Универзитетот во Скопје, до Деканатот на Филозофскиот факултет во Љубљана ја имаат испратено својата стручна оценка за кандидатот Блаже Ристовски – првиот лектор по македонски јазик, којшто ја има почнато историјата на словенечката македонистика во академската 1961/62 година. Под палката на вториот лектор, проф. д-р Драги Стефанија, инаку ученик на Блаже Конески којшто повеќе од три децении ја водел љубљанската македонистика, Лекторатот има прераснато во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност, којашто денес, речиси дваесет и пет години под раководство на проф. д-р Намита Субиото се издвојува не само како прв академски македонистички центар надвор од Македонија, туку и како еден од најактивните во светот.
Донацијата од „Матица македонска“ и „Алкалод“ го вклучува речиси целото творештво на првиот лектор по македонски јазик, академик Блаже Ристовски, а опфаќа и огромен број други книги – клучни студии за македонскиот јазик и за македонската книжевност, монографии за македонската култура, избори од творештвото на дел од најзначајните македонски писатели, антологии на современата македонска поезија, проза и драма и историографска литература.
Иницијативата „Подари книга, подари свет“ беше почната од „Матица македонска“ неодамна, во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање, заради поттикнување на љубовта кон читањето и за овозможување пристап до книги на читатели секаде каде што е потребно. Со оваа иницијатива, за првпат на ваков начин во Македонија се одбележа и Меѓународниот ден на дарувањето книги. Интересот за приклучување кон иницијативата на „Матица македонска“ е голем. Институции, општествено одговорни компании, јавни личности од повеќе сфери на општествениот живот и читатели од сите генерации искажуваат интерес за приклучување кон иницијативата на „Матица македонска“ за којашто засега е најавено дека активностите траат до крајот на месецов, при што кон неа и натаму можат да се приклучат сите што се заинтересирани да придонесат за овозможување пристап до книги во секој дом, во секоја институција и секаде каде што има сегашни и идни читатели.